„Образовниот систем е подготвен за три сценарија – целосно физичко присуство, целосно онлајн и хибридно. Овие идеи се предложени и сте засегнати страни се известени. Во моментов Владата има одлука да се започне со физичко присуство согласно нашите, но и искуствата на развиените земји“ кажа министерката за образование Мила Царовска во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

Таа додаде дека и препораките на УНИЦЕФ и ОЕЦД се училиштата прво да се отворат, а последни да се затворат, за да може образовниот процес да тече непречено.

„Нашите искуства кажуваат дека со 40% од учениците во училница, минатата година немаше интерна трансмисија во училиштата. Целосно се почитуваа мерките и протоколите и институциите потврдија дека немаше ниту еден случај на интерна трансмисија“ кажа Царовска.

Таа додаде дека очекува наставниците, вработените во училиштата, директорите и учениците да бидат на истото на ниво и да ги почитуваат мерките со цел заштита на здравјето.

„Иако во нашата земја нема задолжителна вакцинација, нашите апели стигнаа до наставниците. Во образовниот систем вакцинирани се 69%, што е два пати повеќе од националниот просек. Тоа укажува на високата свесност на наставниците и очекуваме оваа бројка за брзо да порасне над 80%“ кажа Царовска.