Скопје е на чекор до реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ, откако, според најавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се отстранети пречките и се создадени услови проектот да влезе во фаза на реализација. Предвидените измени носат решение со кое се овозможува развој на новиот систем на јавен превоз без сечење на постојното зеленило на булеварите.
Според новиот концепт, автобусите ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, додека дополнително ќе се засади зеленило кое ќе има функција на природна бариера меѓу БРТ-коридорот и останатиот сообраќај. На тој начин, проектот треба да овозможи унапредување на јавниот превоз, со истовремено зачувување и дополнително збогатување на зелените површини.
Реализацијата на БРТ е дел од активностите насочени кон подобрување на транспортната услуга во главниот град. Во таа насока, веќе е завршена јавната набавка за 100 нови еколошки автобуси, по што следува нивната испорака и вклучување во градскиот превоз.
Со БРТ и обновувањето на автобускиот возен парк, Скопје се подготвува за промени во организацијата на јавниот транспорт, при што акцентот е ставен на поефикасно движење на патниците и зачувување на урбаното зеленило.
фото архива/ Град Скопје