„Градоначалниците своите мандати ги добија пред усвојувањето на Буџетите за 2022 година и ниту еден градоначалник не оддели ни еден денар дополнителни финансии за справување со енергетската криза. Веќе во ноември ја имавме кризата на врата“ кажа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „24 анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека освен тоа, одредени општини имаат и раскинат договор со добавувач на електрична енергија, поради што тие струја добиваат од краен добавувач за која плаќаат 50% повисока сума од берзанската цена.

„Веднаш може да објават нов тендер и да побараат нови цени и да добијат барем берзанска цена и маржа од околу 10 отсто. За жал, мнозинството од градоначалниците остануваат на краен добавувач“ кажа Битиќи.

Тој додаде дека во моментов единиците на локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија на ЕВН должат 13 милиони евра, долг кој секојдневно се продлабочува.

„Како и во секое домаќинство, кога ќе видите дека се задолжувате, седнувате и правите ребаланс“ кажа Битиќи.