Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Во фокусот беа граничното управување, миграцијата, безбедносната соработка и влијанието на Системот за влез/излез (Entry/Exit System – EES) и правилото 90/180 дена врз професионалните превозници.
Министерот Сали истакна дека патниот транспорт е од суштинско значење за економијата на Северна Македонија и синџирите на снабдување со Европската Унија. Тој ја нагласи потребата од брз дијалог и практични краткорочни решенија за професионалните возачи, паралелно со долгорочните решенија, со целосно почитување на безбедносните стандарди на Шенген-зоната.
На средбата беше истакната оперативната соработка со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), вклучително и новата контакт-точка во Блаце, како и олеснувањето на граничните премини преку моделот One Stop Shop на Ќафасан. Се разговараше и за соработката со Европол, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, како и усогласувањето на законодавството со стандардите на ЕУ.
Сали повтори дека граничната безбедност и законското движење на луѓе и стоки мора да одат заедно. Министерството за европски прашања ќе продолжи со координацијата со надлежните институции за унапредување на реформите и решавање на практичните предизвици на превозниците.
фото: Кабинет на министерот за европски прашања