СДСМ – соопштение:

СДСМ ја повикува Владата итно да го преиспита изборот на Бојан Христовски и да го повлече од функцијата директор на АНБ. ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди транспарентност и целосно почитување на законите и процедурите во поставувањето на раководни позиции во безбедносните служби.

Оваа партизација со некомпетентни кадри кои ќе му служат на Мицкоски наместо на граѓаните е прв чекор кон уништување на безбедносните институции. СДСМ седум години вложи огромни напори за професионализација на овие институции а ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги партизира за само 100 дена. Државата не смее да си дозволи да ризикува со именување на лица кои не ги исполнуваат законските и стручните стандарди за вакви високи функции, особено во чувствителните области како што е националната безбедност.

СДСМ изразува сериозни сомнежи во врска со исполнувањето на условите за избор на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност. Согласно законските барања, кандидатот за директор на АНБ мора да има минимум пет години раководен стаж на функции поврзани со безбедноста. Иако Христовски пријавува пет календарски години раководно искуство, останува нејасно дали тој навистина ги исполнува законските услови, бидејќи недостигаат прецизни датуми за неговото раководно искуство во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во периодот од 2012 до 2017 година.
Дополнително, биографијата на Христовски која е објавена од страна на Факултетот за безбедност покажува дека тој ги исполнил условите за оваа позиција дури минатата година, дипломирајќи на Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и бизнис во Скопје. Претходно, неговата стручна квалификација како дипломиран тренер по кик-бокс не ги задоволувала критериумите предвидени за оваа важна функција.
Дали Хрситовски вистински има пет години раководно искуство? Зошто се поставува партиски војник на оваа позиција и покрај реакциите на јавноста и медумите? Ова ли е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ планира да ги уништува независните безбедносни институции?
СДСМ бара итно повлекување на одлуката за назначување на Христовски.