Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА истакна дека Владата предводена од СДСМ редовно ја следи состојбата и последиците од агресијата врз Украина и дека навремено интервенира во ублажување на последиците од светската енергетска и економска криза.

Ковачевски потенцира мерките што Владата ги презема се со одлично ниво на реализација и дека даваат реални и видливи резултати.

„Ние уште при креирањето на буџетот во 2021 за 2022, енергетската криза веќе беше почната и тогаш го намаливме ДДВ-то за граѓаните за електрична енергија уште на крајот на првата половина на крајот на 2021, додека за 2022 определивме средства во буџетот во резервите за да може да ја одржуваме ликвидноста на енергетскиот сектор. Притоа, 80 отсто од сметките за електрична енергија на граѓаните се субвенционираат преку буџетот и истото се однесува за сметките за парно греење во Скопје. Ние како одговори на кризата направивме пакет на антикризни мерки, 26 беа донесени коишто се со вредност од 400 милиони евра и коишто значат намалување на ДДВ и на акцизата кај горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, издвојување на финансиски средства за најранливите категории на граѓани, за 35.000 граѓани, три месеци по 1.000 денари, носење на пакет мерки преку Развојната Банка за одржување на ликвидноста на компаниите, ограничување на маржите на прехранбените производи во малопродажбата и продажбата големо.“ истакна Ковачевски.

Претседателот Ковачевски додаде дека и во време на криза, Владата инвестира во стандардот на граѓаните, преку покачување на платите и пензиите и преку намалување на трошоците за живот.

„Пензиите ги покачивме и ја сменивме методологијата со тоа што ќе имаме најголемо покачување на пензиите во оваа година и методологијата ќе важи за сите години нанапред, со тоа што веќе порастот на пензиите нема да зависи од никаква политичка волја или од тоа дали има или нема избори во одредена година, што беше случај секогаш во минатото, што значи дека сега таа методологија е ставена со закон. И дополнително определивме помош за три месеци по илјада денари за да можат да се справат полесно пензионерите со растечките цени на храната и на енергенсите. Второ, ја зголемивме минималната плата, да не заборавиме само пред пет години минималната плата беше 9000 денари, сега е 18.000. Исто така во голем број од индустриските и во општествените гранки се предвидува зголемување на платите, на пример во МВР од пет проценти, во здравството во изминатите години се правеа големи покачувања на платите, во високото образование се предвидени. Секогаш постои притисок од страна на синдикатите за зголемување на платите, јас тоа секогаш сум го разбирал, меѓутоа треба да се има разбирање и од синдикатите за ситуацијата во којашто се наоѓа светската економија.“ посочи претседателот Ковачевски во интервју за МИА.