Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ оцени дека соработката со колегите од Бугарија при работата во меѓувладината работна група за европска интеграција и зелени политики е одлична и се одвива во позитивна атмосфера, при што во разговорите се чувствува поинаква енергија отколку во изминатиот период.

„Интересно е што и ние можеме да научиме од нив многу, меѓутоа и тие можат да научат од нас. Ние сфативме при размената на информации дека практично имаме огромно поле за соработка“, истакна вицепремиерката Грковска, особено истакнувајќи го искуството и пораките кои можат да се следат од спроведување на Оперативна програма за добро владеење финансирана од Европската Унија, која ја спроведува нејзината колешка во бугарската Влада.

Таа подвлече дека за бугарската страна е корисно искуството со формирањето и функционирањето на нашата Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и делот мерки коишто се однесуваат на антикорупција.

Грковска информираше дека се очекува на некоја од наредните седници, министрите за правда на двете држави да разговараат за разменување искуства за унапредување на прашањата кои се од интерес за нашата држава.

„Сигналите од двете страни се позитивни и има расположение да се најде начин како да се одблокира процесот. Имајќи ја предвид политичката ситуација, војната во Украина и се надевам дека настаните во оваа смисла ќе го зголемат алертот на внимателност на чекорите кои политичките лидери ги преземаат“, посочи Грковска.