Од синоќа во 22:00 часот воведена е забрана за тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка, додека за останатите видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, на некои повисоки места има остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на „ЈП Македонијапат“.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила, од 15.11.2021 до 01.04.2022. Од охридска страна, сообраќајот ќе се одвива до месноста Корита.

Од АМСМ потсетуваат дека од 15.11.2021 година почна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.3.2022 година.