Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, нагласи дека Мицкоски свесно избра политика на манипулации, контрола и дезинформации, наместо одговорно владеење и грижа за интересите на граѓаните. Филипче порача дека тој е на страната на Македонија, а Мицкоски на страната на криминалот и укажа дека нема да отстапи пред заканите, нагласувајќи дека неговата позиција е во одбрана на интересите на Македонија.

„Сакам да ви порачам, порачajтe им на другарите со кои сега спремате увоз на мазут, да не ми се закануваат, другарите од Србија. Затоа што не ви се плашам. Затоа што јас сум на страна на Македонија. Вие сте на страна на криминалот“, рече Филипче.

На седницата, Филипче го повика Мицкоски да одговори со кого го направи дилот за влез на Алта банка во Македонија, и нагласи дека токму власта го донесе проблемот во државата, а сега се обидува да ја префрли одговорноста, додека се загрозени средствата на граѓаните и компаниите.

„Ја носите тука Алта банка, најкриминалната банка во Европа. Банката во која Вучиќ переше пари, и имаше пари од шверц на дрога, руски пари, забранети се секаде во Европа, а вие тука ги донесовте. Давор Мацуа еднаш го запреле преку едната компанија, па после тоа сте го пуштиле да влезе тука преку банката. Што се случи во меѓувреме? И после велите: „Увезен е проблемот“. Па да, па вие го увезовте тој проблем. Вие ги загрозивте парите на граѓаните, на компаниите и така натаму. И сега се бара некое решение. Па нели немаше проблем? Зошто се бара решение? Моето директно прашање е: со кого го направивте дилот за влез на Алта банка во државата?“, рече Филипче.

Во образложението на прашањето, Филипче предупреди дека целокупната состојба во државата откако е Мицкоски премиер е катастрофална. Граѓаните тонат во сиромаштија, а власта неконтролирано се задолжува врз грбот на народот.

„Во економијата дебакл. Трета економија сме биле во Европа. Како трета економија? На дното сме по бруто-домашен производ по глава на жител. Луѓето тоа секојдневно го чувствуваат, неконтролиран вртоглав раст на цените, на сè. Сè е поскапено во изминативе две години за 30–40%, од основни производи, гориво и така натаму.Задолжување до бескрај. Неколку следни генерации се задолжени, за 50% е зголемен вкупниот долг на државата. Од 8 на скоро 12 милијарди евра. За што? За тековни трошоци“, рече Филипче.

фото СДСМ