Македонија од четврток влегува во период на претежно облачно и врнежливо време, со пообилни дождови во западните делови, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи.
За 26 ноември УХМР најавува повремени врнежи од дожд, кои во западна Македонија локално може да надминат 30 литри на квадратен метар за 24 часа. Ќе дува умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Температурите ќе се движат од минус еден до 12 степени.
Според метеоролошката најава, циклонската активност ќе се задржи до недела. Во текот на целиот период на одделни места се очекува вкупната количина на врнежи да надмине 80 литри на квадратен метар. На повисоките места во следните денови се очекуваат мешани врнежи, а на планините снег. Граѓаните треба да ги следат новите предупредувања, особено во подрачјата каде што постои ризик од локални поплавувања.