Во рамкте на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, придружуван од претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, и членовите на Групата, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати, остварија средба со Претстедателот на Република Хрватска, г. Зоран Милановиќ.
На средбата, беше нагласено значењето на партнерските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска, како и дека двете држави негуваат пријателски односи и споделуваат заеднички заложби за унапредување на билатералната соработка во повеќе области.
Во однос на европската интеграција, претседателот Гаши ја потврди стратешката определба на Република Северна Македонија за полноправно членство во Европската Унија а воедно посочи дека е и важно да се зачувува предвидливоста и кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија, со доследна примена на принципот на строга, но правична условеност и вреднување на напредокот врз основа на постигнатите резултати и исполнувањето на Копенхашките критериуми.
Во делот на регионалната соработка, беше истакната заедничката заложба за унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи. Беше нагласена определбата отворените прашања да се решаваат преку дијалог и компромис, врз основа на заемно почитување имајќи ја предвид заедничката одговорност за стабилноста и напредокот на регионот.
Програмата на официјалната посета предвидуваше и средба со министерката за регионален развој и фондови на Европската Унија на Република Хрватска, г-ѓа Наташа Микуш Жигман.
На средбата претседателот Гаши информираше дека Република Северна Македонија активно е вклучена во спроведувањето на Новиот план за раст за Западен Балкан, кој претставува значаен инструмент за забрзување на реформските процеси, поттикнување на економскиот развој и постепено приближување кон единствениот пазар на Европската Унија.
Понатаму, беше изразен интерес за натамошно продлабочување на соработката со Република Хрватска и размена на искуства во областа на програмирањето, управувањето и користењето на фондовите на Европската Унија, особено во контекст на обврските и можностите што произлегуваат од процесот на пристапување. Воедно, беше нагласено значењето на хрватските искуства и добри практики во подготовката и спроведувањето на развојни проекти финансирани од ЕУ, со посебен акцент на јакнењето на административните капацитети како предуслов за поефикасно искористување на европските фондови.
фото Собрание