Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата има поднесено 225 амандмани на Предлог-буџетот за 2027 година, со конкретни решенија за подобрување на животниот стандард, поддршка на младите, унапредување на здравството, образованието и социјалната заштита, како и рамномерен развој на општините.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес – конференција, посочи дека амандманите се одговор на потребите на граѓаните, наспроти буџетот на власта кој не нуди развој, туку продолжува со погрешни економски приоритети.

Спасовски, рече дека клучен приоритет на СДСМ е зголемувањето на минималната плата на 600 евра, вклучително и обезбедувањето средства за зголемување на платите на вработените кај буџетските корисници. СДСМ предлага и конкретна финансиска поддршка за студентите, младите и образовните институции.

„Меѓу клучните амандмани коишто ги поднесе СДСМ и Коалицијата е амандманот којшто се однесува на минималната плата на вработените кај буџетските корисници. Во образованието побаравме средства за зголемување на студентскиот оброк за 2.500 денари месечно, зголемување на стипендиите од 6.050 на 8.000 денари, финансиска поддршка на студентите, за регионалните центри за стручно образование и за врсничкото насилство во училиштата“, рече Спасовски.

Тој додаде дека со дел од амандманите се бара и повеќе средства за тековно одржување на основните и средните училишта, посочувајќи дека недостигот од средства веќе предизвикува сериозни проблеми во образованието.

„И секако за тековното одржување на основните и средните училишта, заради тоа што се покажува дека имаме сериозен недостаток на средства коишто се однесуваат на блок-дотациите. Впрочем, она што се случуваше изминатиот период, исклучување на струјата на факултетите, на Ректоратот, на некои од училиштата, не смееме како држава да го дозволиме“, рече Спасовски.

Меѓу амандманите се и мерки за поголема заштита на жртвите на семејно насилство преку воведување електронски нараквици за следење на сторителите, поддршка на културните институции и културното наследство, како и зајакнување на здравствената заштита.

„Во областа на МВР, за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство, со цел поголема заштита на жртвите и превенција од насилството. Во културата, за поддршка на проектите од културата, заштита на културното наследство, реконструкција на безистенот и објектот Парк во Битола, поддршка за целосна реконструкција на театарот во Куманово, Агенцијата за филм и подобрување на материјалниот статус на вработените во културата и судството, како и целосно опремување на истражните центри при јавните обвинителства. Амандмани за унапредување на здравствената заштита, вклучително и обезбедување средства за набавка на мамографски апарати и проширување на можностите за рано откривање на малигните заболувања преку мамографски прегледи“, рече Спасовски.

Дополнително, СДСМ предлага електронска апликација за проверка на возраста и родителска контрола на пристапот на децата до социјалните мрежи, како и поддршка за лицата со попреченост, борците, жртвите на семејно насилство, малите и средните претпријатија и научно-истражувачката дејност.

Посебен дел од амандманите се однесува на општините. СДСМ поднесува 161 амандман за конкретни инфраструктурни проекти, изградба на старечки домови, детски градинки, катни гаражи, спортски објекти, локални патишта, водоводни и канализациски мрежи, паркови и зелени површини.

Спасовски посочи дека предложениот Буџет за 2027 година не носи развој и не одговара на реалните потреби на граѓаните. Наместо инвестиции и економски раст, повторно се планираат доминантно тековни расходи, што отвора простор за нови ребаланси и дополнително задолжување.