Министерството за правда ги објави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што се отвора можност за активно вклучување на јавноста во финализирањето на овие значајни законски решенија.
Сите заинтересирани страни, стручната јавност, правосудните институции, академската заедница, граѓанските организации, како и граѓаните, ќе имаат можност да ги разгледаат законските текстови и да достават свои забелешки, коментари, предлози и сугестии.
Во наредниот период ќе следуваат и стручни јавни расправи, на кои ќе се отворат клучните прашања и решенија содржани во двата законски текста, со цел преку аргументирана дискусија и размена на мислења да се придонесе кон нивно унапредување.
Истовремено, двата нацрт-закона се доставени и до Европската комисија за мислење, со цел да се обезбеди дополнителна експертска оценка на предложените решенија и нивната усогласеност со европското законодавство и стандарди.
Со објавувањето на ЕНЕР и отворањето на јавната расправа, Министерството за правда го продолжува транспарентниот и инклузивен процес, во кој секој конструктивен предлог може да придонесе за подобри законски решенија.
Реформата на казненото законодавство се темели на стручност, дијалог и заедничка одговорност.
Линк: КЗ – ЕНЕР | Предлог на Кривичниот законик
Линк: ЗКП – ЕНЕР | Предлог на Закон за кривичната постапка