Делегација на Врховниот уставен суд на Арапската република Египет предводена од претседателот Булос Фахми Искендер оствари билатерална средба во Уставниот суд на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за актуелни прашања од областа на уставното право и уставносудската заштита. Претставниците на двата суда разменија искуства за нивните надлежности, организацијата и начинот на работа и ја истакнаа заедничката цел на двете институции, заштита на Уставот и демократијата и ефикасна заштита на слободите и правата на граѓаните.
Во фокус на дискусиите беа и можностите и ризиците од примената на вештачката интелигенција во работата на судовите.
Со оваа билатерална средба продолжува спроведувањето на Меморандумот за соработка и разбирање, кој двата суда го склучија во Април оваа година во Каиро, за време на Деветтиот конгрес на врховните и уставните судови на африканските земји.
Во состав на египетската делегација покрај претседателот се и заменик-претседателот на Врховниот уставен суд, Махмуд Мохамед Али Гонеим и шефот на протоколот, Мохамед Хасан.
На билатералната средба од Уставниот суд на Република Северна Македонија присуствуваа претседателот д-р Дарко Костадиновски учествуваа и судиите д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Мери Дика-Георгиевска и советничката за меѓународна правна соработка Татјана Јањиќ-Тодорова.
Билатералната средба се одржа на 11 ноември 2026 година во просториите на Уставниот суд и се реализира во пресрет на 4. Годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, со кој годинава претседава Уставниот суд на Република Северна Македонија. Претседавањето ќе се финализира со Меѓународна конференција на која ќе се обрати претседателот Искендер и ќе говори на темата „Извршување на одлуките на уставниот суд од страна на државните власти“. Излагањето е дел од првата сесија, посветена на зголемувањето на јавната доверба во уставните судови.
фото Уставен Суд на РМ