Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на надзорната расправа во Собрание во рамки на Комисијата за финансирање и буџет, дискутираше за случувањата поврзани со Алта банка и посочи дека јавната комуникација на политичките субјекти носи сериозна одговорност, особено кога станува збор за банкарскиот систем, штедните влогови и финансиската сигурност на граѓаните. Во овој контекст, тој додаде дека особено загрижувачки се јавните настапи и партиските соопштенија на СДС и претседателот на партијата, Венко Филипче, во врска со случајот со Алта банка.

„Сакам да отворам едно прашање коешто сметам дека е многу важно. Станува збор за јавната комуникација на политичките субјекти во врска со овој случај и пред се за можните последици од изнесувањето на одредени тврдења врз довербата на граѓаните во банкарскиот систем. Ќе наведам неколку конкретни примери од официјалната веб страница на политичката партија СДС, од нивни прес-конференции и прес-конференции на претседателот на партијата Венко Филипче и официјални партиски соопштенија“, изјави Петрушевски и додаде:

„Прво, на 31 октомври 2026та година на прес-конференција Венко Филипче изјавува: Мицкоски и Трајко Славески се дел од оваа мафијашка мрежа во Србија. Во истата изјава зборува за сомневања дека капиталот на Алта банка потекнува од криминал, корупција и шверц на дрога. Истовремено предупредува на стампедо пред експозитурите на банката и прашува дали се загрозени депозитите на граѓаните и јавните претпријатија. На денешната надзорна расправа сите надлежни институции недвосмислено потврдија дека нема сомнителни трансакции помеѓу Алта банка АД Битола и српски субјекти ниту во обратна насока освен вообичаените трансакции поврзани со увоз и извоз на стоки.
Второ, на 1ви ноември на официјалната веб страница на СДС е објавено соопштение со наслов „Парите од криминалните тендери на ВМРО ОКГ“ и Вучиќ продолжуваат да се „перат“, а парите на народот заробени. Во ова соопштение се тврди дека парите на граѓаните во Алта банка ќе останат заробени, додека парите од криминалните тендери ќе продолжат да се „перат“. Иако на денешната расправа сите надлежни институции потврдија дека Алта банка е ликвидна, дека нема оштетени граѓани и дека навремено се преземени сите административни мерки за заштита на граѓаните и ликвидноста на банката. Трето, на 2ри ноември на прес-конференција во Собранието Венко Филипче изнесува исклучително сериозни обвинувања. Цитирам: Христијан Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Трајко Славески очигледно е дека ќе помогнат да се опљачкаат помеѓу 150 и 180 милиони евра од граѓаните. Исто така на таа прес-конференција е битно да потенцирам и една негова изјава која гласи: стравуваме дека ќе има домино ефект и врз други банки, затоа што веќе други граѓани коишто немаат сметка во Алта банка од утрово ни се јавуваат и ни кажуваат дека си ги проверуваат своите депозити и своите пари во други банки и ја проверуваат достапноста на истите тие средства“.

Петрушевски упати три конкретни прашања до јавниот обвинител Ненад Савески во врска со јавните настапи и соопштенија на СДС и претседателот на партијата Венко Филипче, во кои беа изнесени сериозни обвинувања. Тој побара од обвинителството да одговори дали ги има регистрирано овие изјави, дали по нив е отворен предмет и дали се преземаат дејствија за проверка на изнесените тврдења.

„Ова не е само политичка критика кон една банка или кон гувернерот. Ова е јавно пласирање на тврдења за можен домино ефект врз други банки и за загрозена сигурност на депозитите на граѓаните кои воопшто немаат сметки во Алта банка. Истиот ден Филипче изјавува оваа криминална власт кај нас во Македонија предводена од Христијан Мицковски е арамиска и криминална, потоа прашува како граѓаните ќе си ги повлечат парите и ја квалификува изјавата на гувернерот во врска со отплатата на кредитите како врв на безобразлук. Денес надлежните институции јасно објаснија и за начинот и динамиката на исплатата на граѓаните при што беше потврдено дека нивните средства на сметките на банката не се доведени во прашање.  И уште една квалификација. Ова е заштита на криминал на капитал на криминалците на сметка на граѓаните чии депозити се заробени. И овие тврдења денес беа демантирани од гувернерот кој појасни дека административните ограничувања се однесуваат на правните субјекти и дека банката има добра ликвидност“, рече Петрушевски и додаде:

„И вакви примери има многу, но на крајот би ве прашал конкретно дали јавното обвинителство ги има регистрирано и дали ги испитува овие конкретни јавни изјави и соопштенија на политичката партија СДС и дали е отворен предмет по овие наводи. Второ, дали Венко Филипче е повикан или ќе биде повикан да даде исказ во јавното обвинителство во врска со овие конкретни тврдења за криминал, трговија со дрога, перење на пари. Доколку изнесува вакви сериозни тврдења и обвинувања, дали од него ќе биде побарано да ги презентира и доказите врз основа на кои ги изнел овие тврдења во јавноста. И трето, дали обвинителството ќе испита дали со ваквите јавни настапи во зависност од нивната вистинитост, контекст, намера и последици се остварени елементи на некое кривично дело предвидено во кривичниот закон, вклучително и предизвикување паника и друго дело против јавниот ред и сигурноста, односно кога конечно Венко Филипче ќе биде повикан во обвинителството“.

фото Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ