Собранието денеска соопшти дека расправата за амандманите на предложените измени на Законот за јавните набавки сè уште не е затворена. По претходното прифаќање на амандманот за бришење на членот 13, во јавноста се појавија различни толкувања за фазата во која се наоѓа законската постапка.
Според собраниската прес-служба, 129. седница треба да продолжи утре, по одржувањето на други предвидени активности. Тоа значи дека постапката не е завршена со отстранувањето на спорната одредба што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно ја оспори.
Законот останува предмет на политички несогласувања, особено поради големиот број поднесени амандмани. Конечната законска верзија ќе биде позната по завршување на собраниската постапка.