Денеска продолжи исплатата на средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола кои имаат платежни сметки во Банката, а не располагаат со платежни картички. Исплатата се врши на шалтерите во Битола, а од денеска и во Тетово и во Струмица, каде што граѓаните можат да подигнат до 20.000 денари.
Во текот на денешниот ден, во трите града се реализирани вкупно 750 исплати. Исплатата се одвива непречено, со добра организација и согласно утврдената динамика.
Од денеска, клиентите на Банката на шалтерите во Битола, Струмица и Тетово можат да вршат и уплати за комунални услуги, како и да ги намируваат обврските за отплата на кредитите. Со ова се овозможува полесно извршување на дел од нивните тековни финансиски обврски.
Народната банка потсетува дека од оваа недела е зголемен и неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на Банката, од 10.000 на 15.000 денари.
Народната банка континуирано ја следи состојбата и презема активности за постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола. Приоритет останува обезбедувањето пристап до нивните средства и непречено извршување на платежните услуги за клиентите на Банката.