Осум возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации во Македонија, поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено со член 297-а од Кривичниот законик. Според информациите од полицијата, четворица управувале возила без положен возачки испит, двајца биле под дејство на алкохол, додека двајца возеле и покрај активна забрана за управување.
Меѓу приведените поради управување возило без положен возачки испит се 45-годишен жител на Скопје, 56-годишен жител на скопското село Морани, 35-годишен жител на селото Студеничани, како и 20-годишно лице од Турција со престој во Тетово.
Во одделни полициски контроли биле приведени и двајца возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол. Станува збор за 35-годишен жител на Пробиштип и 30-годишен жител на Битола.
Полицијата постапувала и против двајца возачи кои седнале зад волан иако имале активна забрана за управување со моторно возило. Приведени се 22-годишен скопјанец и 40-годишен жител на Штип, за кого дополнително било утврдено дека управувал возило во спротивна насока.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на осумте случаи, против возачите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.