За да живеете почист и поздрав живот, не мора да го превртите животот наопаку. Малите, но редовни еко активности можат да ви помогнат не само да го одржите чист домот, дворот или влезот од зградата, туку и да се чувствувате подобро со себеси бидејќи придонесувате на позитивен начин кон заедницата.
Нашата редакција заедно со Пакомак подготви неколку еко совети кои можете да ги прочитате во текстот подолу:
Секогаш кога ќе помислите дека создавате премногу отпад во домот, помислете на трите големи Р: „Редуцирај. Реупотреби. Рециклирај.“ и започнете со применување на советот кој стои зад првото Р. „Редуцирај“ значи „намали го отпадот“, па затоа следниот пат кога знаете дека ќе ви биде потребно да носите вода со себе, наполнете преносливо шишенце за повеќе употреби наместо да купите уште едно пластично шише од продавница, кое подоцна многу веројатно ќе заборавите да го одложите на правилен начин и на вистинското место.
Ако одите на шопинг, со вас понесете платнена торба наместо да купувате ќеса од маркетот. А кога веќе купувате, секогаш одбирајте производи кои содржат помалку пакување – тоа значи избегнување на производи кои се завиткани во повеќе непотребни слоеви фолија или пак производи кои содржат пластифицирано пакување кога не е потребно. Така, ем домот ќе ви биде почист, ем ќе имате помалку отпад за одложување.
Работите стануваат полесни во моментот кога ќе го организирате секојдневието и ќе бидете одговорни кога ги извршувате домашните задачи. Така на пример, направете мали промени во начинот на кој го одложувате отпадот. Започнувајќи од денес, обидете се да ги одвоите различните типови на отпад во различни корпи или ќеси. Органскиот отпад и храната нека завршат во една корпа, пластичниот отпад во друга, хартијата во трета и слично… Така, ќе знаете дека корпата со органски отпад треба да се празни секој ден за да не дозволите да замириса домот, додека другите видови отпад можат да почекаат и подолго време. Додека пластичниот, хартиениот и стаклениот отпад можете да ги одложите во контејнерите во различни бои означени со логото на Пакомак. И запомнете ги боите: жолта – пластика, сина – хартија, зелена – стакло.
Понекогаш, еко одговорноста може да биде наградена. Со поставувањето на Повратните вендинг машини (ПВМ) ширум територијата на целата земја, сега совесните граѓани кои правилно го одложуваат амбалажниот отпад можат да бидат наградени со „зелени поени“, кои самите можат да одберат како ќе ги потрошат преку апликацијата ЕкоМак. Ваквите машини кои се поставени од Пакомак во соработка со Швајцарската амбасада во земјата го носат најсовремениот светски тренд на одложување на отпадот, кој не само што го прави управувањето со отпадот почисто, туку и ги наградува корисниците. Со одложување на пластични шишиња и лименки во овие машини, корисникот добива наградни поени на неговиот сопствен профил, а потоа може да одбере дали ќе ги искористи за плаќање на сметки во маркет, комунални трошоци, донации и слично. Од оваа трансакција, секој добива!
Секоја голема промена започнува од првиот чекор. Кога малите и навидум незначителни активности ќе се претворат во навика, тогаш тие стануваат дел од животот, и дури тогаш се забележува нивниот ефект. Па така, секој нареден пат кога ќе ги ставите намирниците од маркет во хартиена ќеса наместо во најлонска, секојпат кога ќе се воздржите да купите уште едно парче облека кое не ви е потребно и секојпат кога ќе одбиете да користите пластичен прибор за една употреба – помислете на тоа дека сте чекор поблизу до станување на вистински еко амбасадор чие однесување може да послужи како пример.