Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:

Судството повторно покажа дека служи како штит за политичките моќници од СДС и ДУИ.

Судиите на Венко Филипче и Али Ахмети повторно одработија за спас и одбрана на нивните наредбодавци.

Само после неколку месеци откако обвинителот Ислам Абази го затвори случајот за набавката на модуларните болници со што Филипче го спаси од одговорност, сега и судијата Африм Фидани ги ослободи поранешните директори на тетовска болница, Артан Етеми и Флорин Бесими, за трагедијата во која животот го загубија 14 наши сограѓани.

Ова отвора сериозни прашања за функционирањето на правосудниот систем и за еднаквоста пред законите, штета има, жртви има, а виновни нема.

Како е можно за пожар во кој загинаа 14 луѓе виновен да биде кабелот и да нема соодветна кривична одговорност за најодговорните лица од тој период, како што се тогашните директори на болницата и тогашниот министер за здравство, Венко Филипче?

Како е можно да не се испита одговорноста на сите надлежни лица во синџирот на одлучување и управување, Филипче како најодговорен воопшто да не биде повикан на разговор, а од друга страна да се ослободуваат и Бесими и Етеми.

Дали во Македонија правдата зависи од партиската блискост и политичките врски, а блиските до Филипче и Ахмети имаат привилегија да бидат над законот?

За 14-те загубени животи правда и одговорност мора да има, Македонија не смее да биде држава во која политичките врски се посилни од правдата.