Развојот на Коридорите 8 и 10 е една од стратешките определби на Владата, со цел подобрување на инфраструктурната поврзаност, поддршка на економскиот раст и зајакнување на геостратешката позиција на Македонија. Нивното значење го потенцираше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Стратешка сигурност и стабилност ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.

Според Николоски, Македонија има уникатна географска положба во Југоисточна Европа, бидејќи двата паневропски коридори се вкрстуваат на нејзина територија. Дополнително, 76 проценти од македонскиот извоз е насочен кон земјите членки на Европската Унија, додека 46 проценти од увозот доаѓа од овие земји, што ја потврдува важноста на транспортната поврзаност со европскиот пазар.

„Стратешка политика на Владата е развој на овие два коридори“, истакна Николоски, посочувајќи дека нивното унапредување е важно и за економскиот напредок и за политичката стабилност на државата.

Во таа насока се реализираат инвестиции во патната и железничката инфраструктура, модернизација на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, како и развој на аеродромската поврзаност.

Владата преку овие инфраструктурни проекти настојува да ја искористи географската предност на земјата и да создаде подобри услови за транспорт, трговија и поврзување со европските пазари.

фото Министерство за транспорт