Денес, претседателот на Собранието Африм Гаши оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Северна Македонија, Алпер Акташ.

На средбата тој му посака на амбасадорот добредојде во Собранието и успех во извршувањето на новата функција.

Тој истакна дека Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално пријателство и партнерство, имаат вкоренети историски и културни врски како и динамична соработка на сите нивоа. Двете држави одржуваат интензивна комуникација на високо ниво што значајно придонесува за унапредување на севкупните односи меѓу двете земји.

Претседателот Гаши ги потенцираше добрите и пријателски односи меѓу двете земји кои се пресликани и во плодната и успешна парламентарна соработка, почнувајќи од највисоко ниво, меѓу претседателите на парламенти, понатаму меѓу комисиите, групите за пријателство и соработка. Република Турција е меѓу најзначајните трговски партнери и е една од земјите која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори и се јавува како стратешки инвестициски партнер.

Амбасадорот Акташ истакна дека ќе се залага за зголемување на трговската размена меѓу двете држави, унапредување на соработка во областа на туризмот, инвестициите како и реализација на инфраструктурни проекти.

Двајцата соговорници се согласија дека покрај одличните односи меѓу двете држави секогаш има простор за унапредување на соработка која е од взаемен интерес. Особено тоа се однесува на соработката меѓу двете земји во полето на културата, образованието, земјоделството, здравството и туризмот.

фото Собрание