Изјава на премиерот Христијан Мицкоски:

Претходните говорници ви кажаа сѐ што треба да знаете за Универзитетот и за сето она што тука во следните години ќе биде ваш предизвик, јас ќе се обидам да излезам од онаа формална куртоазна форма и ќе се обидам денеска да не зборувам како политичар и претседател на Владата, туку да зборувам како ваш колега и професор од еден друг универзитет, којшто денеска е овде гостин на вашиот универзитет и сака со вас да сподели две работи кои што мислам дека ќе ви бидат значајни во годините коишто следат и во процесот на студирање и стекнување знаење овде на Универзитетот „Гоце Делчев“.

И потоа би сакал една порака до моите колеги, професори, ваши наставници со коишто во годините коишто следат ќе се гледате многу често, ќе другарувате и ќе стекнувате знаење.

Ќе имате предизвици, подеми и падови, но убеден сум дека оваа приказна од вашиот живот ќе заврши успешно, ќе ја паметите целиот живот и тоа ќе биде основа понатаму да изградите семејства коишто понатаму ќе ја градат нашата заедничка татковина Македонија.

Пред 30 години и јас бев како вас, бруцош, го имав тогаш првиот универзитетски час, и започнав една нова епизода во мојот живот, како студент, откако ги завршив прилично возбудливите средношколски денови. Тоа беше едно друго време, сепак три децении ако се вратиме назад имавме многу предизвици како млади луѓе.

Но, она коешто тогаш го немавме, а коешто вие денеска го имате е брзиот начин на комуникација, социјалните мрежи, но и сето она коешто како предизвик доаѓа со брзиот начин на комуникација и социјалните мрежи.

Поминуваше животот, животот ме носеше во различни средини и поминав еден добар дел од својот живот во Италија, дел од својот живот поминав во Германија, завршувајќи го експерименталниот дел од мојот докторат. Еден дел од својот живот поминав и како визитинг професор на универзитетот технички во Виена.

Но, она коешто секогаш ме инспирираше и претставуваше моја водилка во животот, а тоа беше мојата родна земја, татковина Македонија. Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот.

На тој начин ги воспитувам и моите два сина Јован и Антониј. Да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но, крајот да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија.

Знам дека ќе имате многу предизвици, знам дека ќе има и такви коишто ќе ве убедуваат дека тоа е невозможно, дека некаде тамо далеку од овде е подобро и дека тамо е сѐ поинаку отколку тука дома.

Сакам да ви дадам еден совет којшто го имам научено во мојот живот – тоа не е точно. Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија.

Тоа никој пат немојте да го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот – Македонија.

Втората порака којашто сакам денеска од овде да ја упатам е до моите колеги и ваши професори – Ја имате најубавата работа на светот, а тоа е да го пренесете вашето знаење на овие прекрасни млади луѓе, а од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете, зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци, и сето она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот.

Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат.

Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот.

Затоа мојот совет и мојата порака до моите колеги, а ваши професоре, е – Бидете тоа што треба да бидете. Бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства.

И сосема на крај, повторно ќе се вратам до бруцошите, до моите најдраги колеги, коишто денеска зачекоруваат во една нова приказна во нивниот живот.

Нека ви бидат успешни овие години на другарување, стекнување знаење и учење. Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за нејзе, бидејќи поубаво место друго на светот немаме.

Ви благодарам и нека ви е со успех почетокот на студирањето.