Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски со директорката на Светска Банка на регионот, г-ѓа. Карол Межеван потпишаа договор за грант во износ од 2 милиони долари за ажурирање на проектната документација и обука на корисниците, со кој се обезбедува поддршка за подготовка на проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица – фаза 2: наводнување и фаза 3: производство на електрична енергија“.

Проектот претставува важен чекор кон унапредување на земјоделството.

Грантот ќе го имплементира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку постојната единица за имплементација на проектот финансиран од Светската банка за модернизација на земјоделството, додека краен корисник ќе биде ЈП Хидросистем „Злетовица“ – Пробиштип.

Имплементацијата ќе се реализира во период од 18 месеци, од 1 јули 2026 година до 31 декември 2027 година.

Со реализацијата на проектот ќе се обезбеди сигурно и одржливо водоснабдување за земјоделските површини, што значи поголема продуктивност, поквалитетни приноси и поголема конкурентност на македонското земјоделство.