Премиерот на Владата на РСМ проф. д-р Христијан Мицкоски со владина делегација, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и градоначалникот на Виница Митко Костадиновски ќе присуствуваат на пуштање во работа на новата фабрика на Винчини за производство на вафли, вредна 8,5 милиони евра, претставена од генералниот директор Глигор Цветанов, кој истовремено е и потпретседател на Стопанската комора.

Во рамки на активноста ќе се одржи и средба со менаџерскиот и стручниот колегиум на компанијата на која ќе бидат презентирани резултатите и развојните планови на Макпрогрес, како и актуелните предизвици и можности за понатамошен раст на извозот, инвестициите и конкурентноста на македонската прехранбена индустрија.

Отворањето на новата фабрика за производство на вафли, се реализира за само шест месеци, со значајно учество на домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи. Објектот располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети како за домашниот пазар, така и за повеќе од шеесет странски пазари на кои денес се присутни производите на Винчини.

Со стартот на производството веднаш се отворени 40 директни работни места, додека во текот на следната година се планираат уште 40 дополнителни нови вработувања, со што инвестицијата ќе даде значаен придонес кон економскиот развој на регионот и отворањето нови можности за младите кадри. Новата фабрика ќе се овозможи зголемување на производствените капацитети на Винчини за околу 30 проценти, како и значително зголемување на извозот и присуството на меѓународните пазари.

Макпрогрес Виница е долгогодишна членка на Комората и активен поддржувач на коморските активности и е една од најголемите домашни прехранбени компании, еден од водечките македонски извозници која преку оваа инвестиција продолжува со својата стратегија за технолошки развој, зголемување на конкурентноста и афирмација на македонските производи на светските пазари.