Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница, регионалната организација која го поврзува енергетскиот пазар на Европската Унија со земјите од Југоисточна Европа и го следи спроведувањето на европското енергетско законодавство.
На средбата присуствуваа и Зоран Ѓоргиевски, управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – „МЕМО ДООЕЛ“, Скопје и Александар Пауноски, заменик на генерален директор на АД „МЕПСО“, при што се разговараше за клучните реформски чекори во енергетскиот сектор и за напредокот на Северна Македонија во процесот на усогласување со европските енергетски политики.
Во фокусот на разговорите беа:
– напредокот на државата во реформите во електроенергетскиот сектор,
– зајакнувањето на енергетската стабилност и сигурност на снабдувањето,
– интеграцијата на националниот пазар со регионалниот и европскиот енергетски пазар,
– забрзувањето на процесите на декарбонизација и зголемувањето на уделот на обновливите извори на енергија.
На средбата, беше презентирана реализацијата на тековните енергетски проекти во одделни области, при што беше истакната посветеноста на земјата за забрзување на реформските процеси во енергетскиот сектор.
Министерката Божиновска истакна дека енергетската транзиција и модернизацијата на системот се стратешки приоритети, при што Северна Македонија активно работи на создавање стабилен, конкурентен и одржлив енергетски систем.
„Нашата цел е јасна – енергетски систем кој обезбедува стабилност, сигурност и долгорочна одржливост. Реформите што ги спроведуваме не се само обврска кон европската агенда, туку инвестиција во енергетската независност и во економската иднина на државата“, нагласи министерката Божиновска.
Од страна на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Лорковски беше потенцирана важноста од продолжување на реформите и продлабочување на регионалната соработка, како клучни предуслови за целосна интеграција на земјите од регионот во европскиот енергетски пазар.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на обезбедување стабилност, развој и конкурентност во македонскиот енергетски сектор, со јасна насока кон поголема енергетска независност, стабилен систем и зелена транзиција, во согласност со европските стандарди и политики.
фото Министерство за енергетика
