Со свечена церемонија на поставување камен-темелник, Lidl официјално ја започна изградбата на уште еден маркет во земјава. Овој продажен објект ќе биде лоциран во Гевгелија и е прв маркет на Lidl во оваа општина, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во Македонија.
Маркетот во Гевгелија ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри. Дополнителна придобивка за купувачите ќе бидат и предвидените 130 паркинг места, што ќе овозможат удобно и практично пазарење.
Со реализацијата на овој проект Lidl ја потврдува определбата за вложувања во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди, кои овозможуваат пријатно корисничко искуство и нудат внимателно селектиран асортиман, со оптимален сооднос меѓу високиот квалитет и поволните цени, како препознатлив белег на компанијата на сите пазари.
Директорот за недвижности во Лидл Северна Македонија, Гоце Гаврилов, истакна дека инвестицијата во Гевгелија е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонскиот пазар и економија.
„Со стартот на изградбата на маркетот во Гевгелија продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Нашата цел е да изградиме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен изглед, со еколошки материјали и со фокус на енергетска ефикасност, создавајќи удобно искуство за нашите потрошувачи, но и квалитетна работна средина за нашите вработени“, нагласи Гаврилов.

Тој потенцира дека секоја нова инвестиција на Lidl има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето на нови работни места и соработката со домашните производители. Во таа насока тој истакна дека се посебно горди што преку продажната мрежа на Лидл за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15.5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.
Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека оваа инвестиција е значаен чекор за развојниот потенцијал на општината.
„Гевгелија е меѓу првите градови во кои почнува изградба на маркет на Lidl, инвестиција која дополнително ќе ја засили атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за нови можности за вработување, за зајакнување на локалната економија и за збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека соработката со Lidl ќе продолжи успешно и во идниот период“, изјави Сарамандов.

Lidl е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, а вработува над 382.000 луѓе.
