Усвоена Програмата за работа за 2026 година – во фокусот се основните цели и развојните активности за натамошно градење модерна, стабилна и одговорна централна банка подготвена за економските и технолошките предизвици

Советот на Народната банка, на 5 декември 2025 година, ја усвои Програмата за работа за 2026 година, со којашто се утврдија клучните активности за спроведување на законските надлежности и стратегиските области дефинирани со Стратегискиот план 2025 – 2027 година. Во 2026 година ќе се спроведат 179 програмски активности, од кои 113 се редовни, а останатите се насочени кон модернизација на работењето, унапредување на регулативата, јакнење на безбедноста и поддршка на финансиската стабилност.

Монетарната политика и понатаму останува сосредоточена на одржувањето на ценовната стабилност како основна цел и предуслов за одржлив економски раст и стабилен финансиски систем. Во таа насока, Банката ќе работи на унапредување на моделите за макроекономско прогнозирање, модернизација на монетарните инструменти, оптимизирање на ликвидносното управување и подобрување на функционирањето на девизниот пазар и ефикасно спроведување на монетарните операции. Народната банка ќе продолжи со транспарентноста и навременото објавување на одлуките со цел јакнење на довербата и кредибилитетот на монетарната политика. Управувањето со девизните резерви ќе продолжи да се спроведува согласно принципите на сигурност, ликвидност и профитабилност, преку оптимално инвестирање во рамки на дефинираните лимити за валутниот, кредитниот, ликвидносниот и каматниот ризик.

Во доменот на финансиската стабилност, супервизијата и решавањето банки, предвидени се активности за континуирано следење на ризиците во банкарскиот систем, со особен акцент на климатските и на ИТ-ризиците, унапредувањето на супервизорските методологии и процеси, зголемената заштита на потрошувачите преку зајакнати интерни прописи и контроли, како и подготовката за примената на новата рамка за решавање банки во 2026 година.

Во делот на платните системи и платежните услуги, ќе продолжи унапредувањето на ефикасноста, сигурноста и стабилноста на националната инфраструктура. Во 2026 година ќе се примени современа интегрирана платформа за управување со готовината, со цел воспоставување модерен систем за снабдување и обработка на книжните и кованите пари. Истовремено ќе се спроведуваат и активности за модернизација на платната инфраструктура заради целосно функционирање на прекуграничните плаќања во рамки на СЕПА-шемите и за спроведување на проектот за воведување систем за инстант плаќања – клон на ТИПС, кој ќе придонесе за регионално поврзување и понатамошна интеграција со инфраструктурата на Европската Унија.

Во областа на статистиката и економските истражувања, Народната банка ќе ги продолжи редовните аналитички активности и подготовката на краткорочните проекции, ќе воведува современи алатки и техники за машинско учење и ќе ги унапредува статистичките податоци согласно новите меѓународни стандарди. Како дел од дигиталната трансформација, ќе продолжи спроведувањето на клучните проекти – интегрираниот систем за статистичко и супервизорско известување (ИСИДОРА) и воспоставување централен податочен склад.

Банката останува посветена на јакнење на транспарентноста, доброто управување, етичките стандарди, меѓународната и на меѓуинституционалната соработка преку непречено остварување на функциите на поддршка и примена на најдобрите практики во корпоративното управување, со цел обезбедување законито, ефикасно, правично и навремено носење одлуки во интерес на јавноста и сите сегменти од работењето. Следејќи ги современите ризици и технолошки промени, ќе продолжи да работи на зајакнување на институционалната отпорност, сигурноста на системите и на ефективното управување со ризиците, со цел обезбедување непрекинато функционирање на клучните процеси.

Програмата за работа за 2026 година ја потврдува заложбата на Народната банка за одржување ценовна и финансиска стабилност, како основа за долгорочен економски развој, доверба во институцијата и заштита на јавниот интерес.

Во насока на натамошно унапредување на ефективноста на монетарната политика, на седницата на Советот беа усвоени регулаторни измени за премин на Народната банка кон нова оперативна поставеност на монетарните инструменти. Примената на новата оперативна монетарна рамка ќе започне од 24 декември 2026 година. Со измените се врши модернизација на оперативната поставеност на монетарната политика согласно најдобрите практики на централните банки. Се очекува овие промени да придонесат за засилување на сигналниот механизам на основниот инструмент на монетарната политика – благајничките записи, а со тоа и на монетарната трансмисија. Благајничките записи и натаму остануваат основен инструмент на монетарната политика, при што нивната рочност се намалува на седум дена, а воедно се преминува кон примена на пазарни принципи на аукцирање. Инструментот расположлив депозит на седум дена кај Народната банка се укинува, а за оптимално ликвидносно управување на дневна основа банките и штедилниците и натаму ќе може да го користат расположливиот депозит преку ноќ. Во новата оперативна рамка, каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ се врзува за каматната стапка на благајничките записи, на ниво пониско за 50 базични поени и ќе се менува согласно промената на каматната стапка на основниот инструмент на ист начин како што се менува каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ. Со тоа, се формира симетричен коридор од каматните стапки на расположливиот депозит и на кредитот преку ноќ во однос на основната каматна стапка на Народната банка.