Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека сигналите од мировните преговори со Русија може да се наречат позитивни, но додаде дека тие не ги задушија експлозиите на руските гранати.

Во обраќањето доцна во ноќва, Зеленски, исто така, изрази претпазливост во врска со ветувањата на Русија за драстично намалување на воените операции во некои области и рече дека Украина нема да ги компромитира своите одбранбени напори.

Русија и Украина во понеделникот одржаа мировни преговори во Истанбул. Зеленски рече дека Киев не гледа причина да верува во зборовите на некои руски претставници.

„Можеме да кажеме дека сигналите што ги добиваме од разговорите се позитивни, но тие не ги намалуваат експлозиите на руските гранати“, рече тој, додавајќи дека Украина може да верува само во конкретниот резултат од разговорите.

Претходно денеска Русија вети дека ќе ги намали воените операции околу главниот град Киев и северна Украина.

Зеленски рече дека и покрај тоа ветување, „ситуацијата не стана полесна… руската армија сè уште има значителен потенцијал да продолжи со нападите врз нашата земја. Затоа, ние не ги намалуваме нашите одбранбени напори“.

Зеленски повтори дека секој мировен договор треба да вклучува заминување на руските сили од украинска територија и дека не може да има компромис за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Тој, исто така, повика на построги санкции кон Русија и ја отфрли идејата за укинување на сегашните санкции додека не заврши војната и не се исполни правдата.

Украинците објавија список со барања доколку се согласат на неутралност
Украинците веќе некое време не негираат дека се подготвени да се согласат на неутралност. Вечерва објавија што сакаат за возврат, односно какви гаранции бараат од Западот.

Шефот на украинската делегација, Дејвид Арахамија, рече дека Украина сака меѓународен договор потпишан од земјите „гаранти за безбедност“, кој вклучува:

-Одредба дека во рок од три дена од почетокот на војната, агресијата или воената операција, земјите гаранти ќе бидат законски обврзани да и пружат воена помош на Украина.

-Тоа би било во форма на оружје и „затворање на небото“ – односно воведување зона на забранети летови, што Западот досега одбиваше да го направи во војната во Украина

-Гарантите би биле постојани членки на Советот за безбедност на ОН: САД, Обединетото Кралство, Франција, Кина и Руската Федерација, но „за ова треба да се разговара посебно“.

-Украина, исто така, сака да ги види Турција, Германија, Канада, Италија, Полска и Израел како гаранти

-Безбедносните гаранции нема да важат за „привремено“ окупираните територии Доњецк и Луганск

-Од сите земји гаранти се очекува да не се противат на пристапувањето на Украина во Европската унија и да и помогнат во овој процес.

Михаил Подољак, советник на шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, нагласи дека на сите предлози на украинската делегација ќе им треба поддршка од Украинците на референдумот.

„Тоа е клучната работа. Треба да ја добиеме поддршката од општеството за да го консолидираме овој договор“, рече тој.

Русија се уште не одговорила на барањата на Украина за неутрален статус.