Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Арбер Адеми, претседател; Фаница Николовска, членка и заменик- членовите Бети Рабаџиевска-Наумовска и Игор Здравковски, денеска учествуваа на заедничка интерпарламентарна средба на Комисиите за европски прашања и надворешни работи на Парламентите на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија, Косово и Хрватска, што се одржа во Парламентот на Косово во Приштина.

На форумот, кој го отвори Арбереше Криезиу-Хисени, претседателка на Комисијата за надворешни работи и дијаспора ,поздравни говори имаа Саранда Богујевци, прва потпретседателка на Собранието на Косово, како и Бесник Бислими, прв вицепремиер за евроинтеграции, развој и дијалог и Доника Гервала Шварц, втора вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора во Владата на Република Косово.

Во нивните излагања беше истакнато дека овој форум претставува стратешка платформа за суштински дијалог за нашиот заеднички пат кон европската интеграција и во насока на заемна соработка и поддршка и споделување на позитивните искуства и практики.

Адеми во своето обраќање во сесијата посветена на Движење во процесот на евроинтеграција: предизвици, можности и стратегии за соработка, ја поздрави иницијативата за регионално обединување и разменување искуства и практики во врска со евроинтегративните процеси, која ќе придонесе за позитивни резултати во смисла на нивно унапредување и пристигнување до крајната заедничка цел, а тоа е членството во ЕУ. Притоа, истакна дека, Северна Македонија во континуитет одржува позитивен тренд на соработка и интензивна, билатерална комуникација на највисоко ниво со сите земји од ЗБ. Нашиот стратешки интерес е во насока на градење, збогатување и одржување на стабилни и просперитетни добрососедски билатерални односи, во сите области од земен интерес, и во таа насока, надминување на отворените прашања.

Адеми истакна дека треба да се искористи позитивниот моментум во ЕУ за процесот на проширување, кој реално добива на забрзување заради геополитичките околности и дека Северна Македонија не смее да заостане на својот пат кон ЕУ, поради условот кој ни е поставен во Преговарачката рамка, а тоа е измената на Уставот на земјата, со цел Бугарската заедница да се внесе во Уставот. Изрази надеж дека процедурата која е отпочната успешно ќе заврши и земјата ќе ги почне преговорите и ќе го отвори кластерот „Темели“.

Во дискусиите соговорниците ги разменија своите мислења и ставови за досегашните искуства во поглед на евроинтегративните процеси, при што истакнаа дека ЕУ процесот мора да има предвидливост, со цел да биде успешен. Заедничка беше констатацијата дека регионот нема друга алтернатива и дека земјите од ЗБ својата иднина ја гледаат во Унијата. Поради тоа, беше искажана подготвеност земјите да ги исполнат европските реформи, усогласување на националното со европското законодавство, согласно Копенхашките критериуми и надминување на инструментот на вето за блокирање на ЕУ процесот поради билатерални прашања.