„Горд сум што од вчера имаме десетина мерки спроведени, кои се препознаени од граѓаните и значат конкретни придобивки“ рече националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи во Владата, Марјан Забрчанец во утринската програма на „Слободен печат“ и додаде дека 70 до 80 отсто од граѓаните ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан.

Тој наброи неколку од досега спроведените мерки, помеѓу кои се и заедничкото помагање во случаи на несреќи и катастрофи, како и помошта за време на енергетската криза, кога трите земји од Отворен Балкан си помагаа во надминување на недостатоците на струја и храна.

„Ќе се сетите пред две лета за време на пожарите, имавме интервентна помош со српски хеликоптери, благодарение на мерка од Отворен Балкан. Да не беше таа мерка ќе требаше да поминат ден или два, бидејќи ќе требаше одлука на Владата на Србија, па повеќе постапки додека не се добие помошта“ рече Забрчанец.

Тој додаде дека функционираат и зелените ленти на Ќафасан и Табановце за брз проток на транспортери за побрзо да оди увозот и извозот, како и електронската патарина со М-ТАГ.

„М-ТАГ функционира со еден уред и во Северна Македонија и во Србија. Граѓаните на двете држави непречено може да се движат низ патарините, безконтактно, а наплатата оди електронски. Во најава е можна соработка и со Грција, иако не е членка на Отворен Балкан, но пријавиле интерес за оваа мерка“ рече Забрчанец.

Националниот координатор како последна мерка го кажа слободниот пристап до пазар на труд кој функционира од вчера, но исто така наброи и бројни мерки за заедничка промоција на турзимот, како и на македонските вина.