Во анкетите за феноменот „Приоманија“ јавноста во Хрватска е поделена. Од критички расположените кои не го конзумираат таквиот вид на музички производи, па до оние најљубопитните кои сакаат да ја видат и доживеат атмосферата на концертите на пејачката од соседна Србија, на кои најгласните се многубројните фанови кои што се нејзини следбеници преку сосијалните мрежи и кои ги знаат и ги пеат нејзините песни напамет.

Мирјана ВАСИЛЕВА

Феноменот на Александра Пријовиќ е главна тема во регионот последните денови. Фактот што успеа да распродаде дури пет концерти во Загреб го привлече вниманието не само на хрвaтската јавност туку и на фановите и познатите личности, музички критичари, но и кај медиумските експерти. Сите тие на различен начини го толкуваат нејзиниот успех. Во секој случај, големата популарност и нејзините настапи, зад коишто стои исклучително добра и скапа продукција, придонесоа со само со петте концерти само во Загреб, младата српска пеачка да се врати дома побогата за околу 2,5 милиони евра.

За многумина неверојатно во сферата на загребската музичка сцена, но сепак вистинито, српската фолк пејачка Александра Пријовиќ го одржа и петтиот концерт во загребска Арена соборувајќи ги сите рекорди на музички настани што се организираат во оваа „дворана“.

Балканската Тејлор Свифт

Вака дел од хрватските медиуми информираа за Пријовиќ, која ја почна балканската турнеја насловена „Од исток до запад“, вклучувајќи ги веќе одржаните спектакуларни концерти во Белград, Ниш и Сараево и со најава дека турнејата ја опфаќа и Македонија. Александра Пријовиќ преку ноќ се стекна со називот музички феномен во регинот, а некои медиуми ѝ го дадоа прекарот – Балканската Тејлор Свифт

Иако пред некое време не важеше за голема ѕвезда меѓу српските музички популарни имиња, таа со оваа балканска турнеја ја потврди својата огромна популарност на Балканот, без разлика на мислењето на музичката критика.

Започна, според таблоидите, на забавите под свадбените шатори и, настап по настап, стигна до распродадени арени и огромна популарност во целиот регион.

Последните вести од нејзиниот менаџмент говорат и дека следната година планира да организира концерт на стадионот Маракана во Белград, а во план е и нов албум.

За неа повеќе од еден месец пишуваат и медиумите во Хрватска. Таа гостуваше и на националната телевизија, разговараше со новинарите од другите медиумски куќи и портали одговарајки на сите прашања од тоа која е тајната на големиот успех и како една млада девојка успеа да го привлече вниманието на младата публика.

Александра Пријовиќ со денови се наоѓа на првото место на популарност на хрватската Билборд листа.

Во анкетите за феноменот „Приоманија“ јавноста во Хрватска е поделена. Од критички расположените кои не го конзумираат таквиот вид на музички производи, па до оние најљубопитните кои сакаат да ја видат и доживеат атмосферата на концертите на пеачката од соседна Србија, на кои најгласните се многубројните фанови кои што се нејзини следбеници преку сосијалните мрежи и кои ги знаат и ги пеат нејзините песни напамет.

Во меѓувреме, меѓу петте концерти на Александра, концерти во арената одржаа и мега звездите Дорис Драговиќ и Стјепан Хаусер, кои и покрај тоа што рекоа дека не се фанови на нејзиниот стил и репертоар, сепак го подржаа успехот на младата српска пеачка која успеа да собере околу 100 000 посетители.

За порталот Рацин.мк за феноменот „Пријоманија“ разговаравме со познатиот хрватски продуцент Дамир Осредечки. Според Осредечки за оние кои на Александра Пријовиќ гледаат како на феномен, тоа воопшто не е така ако се земе во предвид дека таа е учебнички пример за тоа како треба да се пристапи кон шоу-бизнисот денес.

„Формулата е всушност едноставна, но ‘захтевна’ во однос на сумата на пари што ви е потребна за неа. Пред сè, треба да изберете добар текст на кој треба да им дадете врвни аранжмани, потоа да снимате високобуџетни видеа и да потрошите уште повеќе за пласманот и дистрибуцијата на песната. Кога го имате сето тоа и во исто време користите продукција која бара многу (сцена, озвучување, осветлување и екрани) за време на настапот, и не ви треба нужно талентирана пејачка со посебен глас како Пријовиќка“, вели Осредечки.

Осредечки вели дека и Карлеуша прави многу солиден бизнис, а не се истакнува како пејачка како Пријовиќ, само затоа што почитува сè што е наведено и особено внимава на својот сценски настап.

„Секој бизнис има свои правила, вклучувајќи го и оној со кој се занимава Пријовиќ. Кога влегувате во трка, не е важно само да возите најдобро, туку и да го имате најдобриот автомобил (мотор) за трката ако сакате да победите“, објаснува хрватскиот продуцент.

И Јосипа Лисац за феноменот „Пријовиќ“ вели дека „за секој има место под сонцето. Ако успева да продаде толку концерти тоа е феноменално. Очигледно има публика и за нејзината музика“.

Социјалните медиуми ја направија водечка музичка личност на новата фолк генерација

Од социолошки аспект и хрвтаските и српските експерти се согласуваат со тоа дека Александра Пријовиќ е водечка личност и претставничка на новата фолк генерација.

За српскиот социолог Немања Марковиќ, Пријовиќ сега се појавува како ѕвезда на младата генерација со музички стил кој отсекогаш бил најпопуларен на овие простори.

„До пред неколку години тој беше во затишје, но нема сомневање дека тоа е континуитет на нашиот колективен балкански музички вкус“, смета Мариновиќ потетувајки дека слична била состојбата со музичкиот вкус на мнозинството граѓани од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, практично од појавувањето на „свекрва“ и Лепа Брена, која поради околностите е маќеа на сопругот на Александра Пријовиќ.

Во анализата за феноменот Пријовиќ рок критичарот Дубравко Јагатиќ, од Загреб, за телевизијата N1 оцени дека успехот на Александра Пријовиќ е доказ дека интернетот и социјалните мрежи ја добиле играта со телевизиите и радио станиците и нивните уредници.

„Приказната е многу едноставна. Публиката денес ниту слуша радио станици, ниту гледа телевизија, туку следи Интернет и социјалните мрежи, пред се Јутјуб. Овде луѓето го слушаат она што сакаат да го слушаат, а не она што им се пушта на стандардните медиуми“, посочува Јагатиќ.

И Професорот на Факултетот за медиуми и комуникации од Загреб Жарко Цвејиќ смета дека се работи за изведувачи кои својата популарност ја црпат од социјалните мрежи.

„Гледам дека трап-фолк и фолк музиката се доста популарни кај младите, особено кај оние на 13, 14 или 15 години. Горната граница на оваа публика оди до приближно 25 години. И ова претставува општ регионален феномен, од Словенија до Македонија. Тоа веројатно се случува поради синергијата со новите медиуми, бидејќи младите најмногу дознаваат за овие ѕвезди преку социјалните мрежи и другите медиуми на интернет“, објаснува Цвејиќ.

А која е всушност Александра Пријовиќ?

28 годишната Александра Пријовиќ кариерата ја започна како девојче која е родена во Сомбор, а поголемиот дел од своот живот го поминала во хрватскиот град Бели Манстир близу до границата со Србија. Медиумите кои ја следат нејзината кариера забележале дека таа учествувача на малдинскиот фестивал „Децата пеат хитови“ пеејќи ја песната „Такви као ти“ од Нина Бадриќ.

Се наведува дека веднаш штом станала полнолетна била пријавена да се натпреварува во „Ѕвездите на Гранд“. Нејзината популарност започна пред 10 години, во 2013 година, кога го освои четвртото место во тоа шоу и како награда доби снимка од песна.

Првиот хит дојде во 2016 година кога ја сними песната „Тотална анестезија“. Истата година ја објави песната „Сенки“ која за еден ден имаше милион прегледи на Јутјуб.

Бизнис и музика – 550.000 евра по концерт во Загреб

Колку зарботи Пријовиќ по настапите во Арената во Загреб пресметка направија медиумите. Во бројки тоа изгледа вака. Александра во Арена ја слушале околу 90.000 луѓе. Имено, капацитетот на Арената е 22.000 седишта, но со оглед на продадените 150 ВИП бар маси, бројката е помала, па Александра, како што се претпоставува, секоја вечер пеела пред околу 17.500 луѓе.

Најевтиниот билет е 25 евра, а најскапото место во ВИП просторот чини 130 евра. Билет за една шанк-маса чинел 45 евра за која требало да се купат најмалку 6 и така се доаѓа минимум е 270 евра.

Ако просечната цена на билет за концерт е 31,8 евра, тоа значи дека српската пејачка инкасирала минимум 555.000 евра по концерт, односно за пет концерти заработила повеќе од 2.780.000 евра.

Од таа бројка, сепак, треба да се одбие закупот на Арената Загреб, како и други трошоци, вклучувајќи ја опремата, бендот, костимите и слично. Да не се заборави дека бенефит од овој музички настан, на крајот имаат и хотелиерите, рестораните и градот Загреб.

Извор: Racin.mk