Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:

СДС повторно се обидува да собира политички поени на грбот на студентите, заборавајќи дека токму во времето на нивното владеење студентските домови со години беа запоставени, без соодветни инвестиции и без сериозен пристап кон решавање на проблемите.

Денес, кога конечно се преземаат конкретни чекори за реконструкција на студентските домови и подобрување на студентскиот стандард, СДС се обидува да создаде политичка драма. Наместо да ги поздрават инвестициите, тие продолжуваат со старата практика, критики без одговорност и политички маркетинг без резултати.

Но, фактите зборуваат поинаку.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари директна средба со претставниците на студентските парламенти од сите универзитети во државата, со цел отворено да се разговара за реалните проблеми и потребите на академската заедница.

Притоа, на маса е и конкретен предлог за унапредување на студентскиот оброк, наместо сегашните 3.500 денари, неговата вредност да се зголеми на 4.500 денари преку дигитална апликација М-услуги, односно со додавање на М-Студентски оброк, со дополнителни попусти од 20 до 25 проценти во ресторани, маркети и други угостителски објекти.

Дополнително, беше пуштен во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“ со капацитет за 1150 студенти со услови по европски стандарди, а до крајот на годината ќе се пушти во употреба и вториот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ кој е во фаза на реконструкција. Исто така се гради кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и се работи на подобрување на условите за студентите. Исто така со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ студентскиот стандард во 2026 година е двојно подобрен во однос на 2022 година.

Разликата е очигледна, СДС со години ги оставаше проблемите нерешени, само ветуваа студентски градови и ништо не реализираа, а ВМРО-ДПМНЕ презема иницијатива, отвора дијалог и предлага нови решенија.

На СДС му пречи што студентскиот стандард конечно станува приоритет, но студентите не живеат од нивните прес-конференции и политички конструкции. Студентите сакаат резултати, инвестиции и подобри услови, а токму тоа го овозможува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.