Оклопните транспортери „Бушмастер“ пристигнуваат во Украина.

Австралија ќе испрати оклопни транспортери „Бушмастер“ во Украина на барање на претседателот Владимир Зеленски, изјави во петокот австралискиот премиер Скот Морисон. Морисон не кажа кога и колку возила ќе бидат испратени во Украина.

„Ние не ги испраќаме само нашите молитви, ние го испраќаме нашето оружје, ја испраќаме нашата муниција, ја испраќаме нашата хуманитарна помош, го испраќаме сето ова и оклопите. Ќе ги испратиме нашите оклопни возила, нашите Бушмастери. A таму ќе ги испратиме во нашите авиони Ц-17“, рече Морисон.

Говорејќи пред австралискиот парламент во четвртокот преку видео врска, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Австралија да ги достави австралиските оклопни транспортери „Бушмастер“ во Киев, велејќи дека „оние кои се борат против ова зло мора да бидат вооружени“.

„Имате многу добро вооружено возило, „Бушмастер“, кое може значително да и помогне на Украина, и друга опрема што може да ја зајакне нашата позиција во вооружувањето. Доколку имате можност да го споделите ова со нас, ние би ви бил многу благодарен“, рече Зеленски.
Тој ја повика Австралија да воведе нови санкции кон Русија, како и да учествува во обновата на украинските пристаништа на Црното и Азовското Море. Зеленски потсети на соборувањето на малезискиот Боинг МХ-17, на небото над источна Украина, кога загинаа 298 лица, обвинувајќи ги руските сили за трагедијата.

Австралија претходно обезбеди воена и хуманитарна помош за Украина, а најави и забрана за извоз на глина и алуминиумска руда во Русија. Според австралиската влада, Русија се потпира на Австралија за речиси 20% од потребите за глина.