Владата на денешната седница донесе заклучок со кој е предвидена исплата на регресот за годишен одмор (К-15) за 2020 и 2022 година во нето износ од по 9 000 денари.

Оваа одлука, како што се посочува во владиното соопштение, доаѓа имајќи ја предвид обврската за исплата на К-15 за 2022 година до крајот на месецов, но и со цел намалување на товарот врз Буџетот за судски и адвокатски трошоци кои произлегуваат од правосилните судски пресуди, но и најавените понатамошни судски постапки за остварување на правото за неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година.

На предлог на Министерството за финансии, Владата донесе заклучок со којшто буџетските корисници и единките корисници опфатени со Гранскиот колективен договор ќе бидат задолжени потребните средства за исплата на регрес за годишен одмор за 2020 и 2022 година во нето износ од по 9 000 денари, да ги обезбедат во рамките на одобрениот Буџет за 2022 година, со внатрешна прераспределба помеѓу расходни ставки“,се наведува во соопштението од Владата.

Дополнително од Владата додаваат дека оние буџетски корисници и корисници опфатени со Гранскиот колективен договор, коишто немаат реални можности да ги обезбедат потребните средства за исплата на регрес за 2020 и 2022 година со внатрешна прераспределба во рамките на сопствениот буџет за тековнава година, предвидено е да се обезбедат средствата со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите.