Високиот шеќер во крвта, исто така познат како хипергликемија, е најчесто поврзан со дијабетес и преддијабетес (каде што шеќерот во крвта е висок, но не доволно висок за да се означи како дијабетес) и ако не се лекува, може да се појават сериозни здравствени компликации.

Управувањето со шеќерот во крвта е клучно за вашето здравје, а сега постојат пет начини на кои природно можете да го држите под контрола.

– Ако шеќерот во крвта ви е премногу низок, можеби ќе треба да ги зголемите изворите на гликоза во вашата исхрана или може да има причина зошто на вашето тело му треба повеќе енергија. Ако шеќерот во крвта ви е превисок, можеби ќе треба да ги намалите изворите на шеќер во вашата исхрана, или може да има проблем, како што е отпорноста на инсулин, што го спречува вашето тело да користи гликоза за енергија, вели Шон Маркезе, лиценцирана медицинска сестра во Центарот за мезотелиом која зад себе има повеќе од 15 години искуство во директна грижа за пациентите и бројни онколошки клинички испитувања.

Со помош на овие 5 начини можете да го регулирате шеќерот во крвта.

Редовна физичка активност
– Бидејќи вашето тело користи гликоза за енергија, редовната физичка активност е еден од најдобрите начини за одржување на здрави нивоа на шеќер во крвта – тврди Маркезе.

Активностите како што се одење, кревање тегови, возење велосипед или пливање користат шеќер во крвта за да генерираат енергија потребна за мускулни контракции. Овие активности го прават вашето тело почувствително на инсулин и дополнително помагаат во контролата на тежината, што на сличен начин може да го одржи стабилен шеќерот во крвта.

Зголемете го внесот на влакна
– Влакната ја забавуваат стапката на апсорпција на шеќер и варењето на јаглехидратите. Ова го намалува ризикот од нагло зголемување на шеќерот во крвта после оброк. Постепеното зголемување на шеќерот во крвта му овозможува на вашето тело повеќе време да одговори на инсулинот. Имено, само растворливиот облик на влакна има позитивни ефекти врз управувањето со шеќерот во крвта – тврди експертот.

Можете да го зголемите внесот на растворливи влакна и да го подобрите управувањето со шеќерот во крвта со јадење повеќе овошје, зеленчук, мешунки и цели зрна. Дневната препорака за влакна е околу 14 грама на 1000 калории.

Јадете помали порции
– Големиот оброк обично предизвикува нагли скокови на шеќерот во крвта – вели Маркезе.

Исто така, може да му отежни на вашето тело да го регулира нивото на шеќер во крвта после оброк. Помалите порции, исто така, промовираат здрава тежина и го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2. Можете да се осигурате дека јадете помалку со мерење на состојките додека готвите дома, користејќи помали чинии или јадете побавно. Обидете се да додадете здрави грицки помеѓу оброците ако огладнете.

Намалете ги јаглехидратите
– Јаглехидратите влијаат на шеќерот во крвта повеќе од повеќето други намирници и можат да ја намалат ефикасноста на инсулинот. Јадењето премногу јаглехидрати ја преплавува крвта со високи нивоа на гликоза и може да ја ограничи способноста на вашето тело да се опорави до здрави нивоа на шеќер во крвта. Ниското ниво на јаглени хидрати го намалува ризикот од скокови на шеќер во крвта и отпорност на инсулин, а со тоа го намалува ризикот од дијабетес тип 2, вели Маркезе.

Избегнувајте преработен или рафиниран леб, скроб и тестенини и дадете приоритет на цели зрна во вашата исхрана.

Додадете пробиотска храна во вашата исхрана
Пробиотиците се храна која го поттикнува растот на здрави бактерии во дигестивниот систем. Оваа храна исто така ја подобрува регулацијата на шеќерот во крвта и може да го намали HbA1c, показател за отпорност на инсулин и пред-дијабетес.

– Побарајте начини да внесете храна богата со пробиотици во вашата исхрана преку одредени јогурти, сирења и кисела зелка – заклучува Маркезе.