Министерката за одбрана Радмила Шекеринска утрово во Брисел се сретна со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино.

„Северна Македонија испорача резултати. Тоа го потврди и Извештајот на Европската комисија кој ги пофали нашите резултати во реформите, транспарентноста, борбата со корупција, институционалниот развој. Сите тие резултати макотрпно ги обезбедивме, со многу работа и посветеност“, рече министерката на средбата.

Шекеринска порача дека процесот на пристапување не може и не смее да се одолговлекува бесконечно. Тоа е единствениот начин да се врати довербата на граѓаните во европските процеси.

Генералниот секретар Санино порача дека Европската служба за надворешно дејствување целосно и недвосмислено ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и на регионот и дека очекува пристапните преговори да започнат што е можно поскоро. “Вие испорачавте, сега наша задача е да го направиме следниот чекор”, рече Санино на средбата.