Денеска (14.03.2023) во Скопје, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи во координација со полициски службеници од Единицата за недозволена трговија и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода А.О.(23) од с.Грчец, скопско и В.К. од Гевгелија. При претрес во домот во кој престојуваат во Скопје, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени околу 150 грама кокаин и дигитална вага. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.03.2023 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје, Регионалниот центар за гранични работи Југ и СВР Струмица – ОВР Гевгелија, во рамки на заедничка и координирана акција за спречување на прекуграничен криминал и со наредба од Основен суд Гевгелија, извршиле претрес во викенд куќи и други простории во с.Ума, гевгелиско, сопственост на М.П.(67) и Б.П.(60), двајцата од Гевгелија. При претресот, во викенд куќата на Б.П. била пронајдена и одземена една ловечка пушка калибар 12 мм и седум патрони за неа. Двајцата биле повикани во полициска станица и со нив бил извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.

По преземени мерки и активности, полициски службеници од Отсекот за општ криминал при СВР Штип расчистија пет кривични дела, од кои три кривични дела „тешка кражба“ и две кривични дела „кражба“ извршени во периодот од јануари до март годинава од куќи, товарно возило и магацин на територијата на општина Штип. Поради постоење основи на сомнение дека се сторители на делата, од слобода биле лишени Џ.И.(33), С.Р.(22), П.Н.(43), Д.Џ.(32) и еден малолетник, сите од Штип. Во службен разговор во полициска станица тие ги признале кривичните дела. Поголем дел од украдените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани. По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

На 13.03.2023 во 10.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.М.(45) од Штип. Тој се сомничи дека на 12.03.2023 влегол во седум деловни објекти, при што одзел пари и предмети. С.М. бил приведен во полициска станица и во службен разговор ги признал делата. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 14.03.2023 во 01.00 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.А.(20) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 13.03.2023 во 13.25 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Н.Ѓ.(21) и В.А.(22), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.