Еден од важните сегменти на истрагата за „Мазут“ се однесувал на тоа дали мазутот бил доставуван навреме и дали поради евентуални проблеми во испораката можело да биде загрозено производството на електрична енергија.
Според информациите од истрагата, од прибраната документација, исказите на сведоците и вештачењето не произлегло дека договорената динамика на испорака била нарушена.
Напротив, ОЈО ГОКК соопшти дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно со потребите на ТЕЦ „Неготино“.
Особено важен е фактот што, според обвинителството, во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија поради недостиг на мазут.
Во критичниот период немало ниту рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ „Неготино“ овозможило обезбедување струја по пониски цени од слободниот пазар.
Во јавноста претходно беа поставувани прашања дали добавувачот ги почитувал условите и дали испораките биле навремени.
Токму затоа се важни исказите на претставниците на ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“.
Според информациите што ги имаме, тие во текот на постапката оцениле дека добавувањето и динамиката со РКМ се одвивале добро, а во дел од исказите дури било посочено дека снабдувањето било подобро отколку со претходните добавувачи.
Ова е важен аспект од случајот.
Бидејќи ако нема прекин на производството поради недостиг на мазут, ако испораките биле навремени и ако самите корисници на горивото не укажале на проблем со динамиката, тогаш сомнежот за проблематична испорака мора да се поткрепи со други докази.
Според одлуката на ОЈО ГОКК, таквите докази не биле доволни за да се продолжи постапката кон обвинение.