Секторот за внатрешни работи Тетово – Одделението за компјутерски криминал, во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, целосно го расчисти случајот поврзан со видео објавено на социјалната мрежа „ТикТок“, на која се гледа палење на македонското знаме.
На 22.09.2026 година, при мониторинг на социјалните мрежи, полициски службеници детектирале видеообјава со содржина со која е сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидено и казниво по член 319 став 1 од Кривичниот законик.
По преземените оперативни мерки и активности, на 23.09.2026 година е утврден идентитетот на авторот на профилот. Станува збор за малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово.
Во просториите на полицијата, во присуство на родител и претставници од Центарот за социјална работа Тетово, со малолетникот е извршен службен разговор, при што тој го признал делото. Со согласност на родителот, за потребите на постапката и фотодокументирањето на доказите, обезбеден е мобилниот телефон од кој било поставено видеото.
Во текот на службениот разговор, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица за целосно расчистување на случајот.
По целосното документирање на предметот, до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок.