Просечната плата во Македонија вќе надмина 630 евра.

Просечната исплатена нето-плата по вработен во октомври годинава изнесува 38.843 денари и во однос на октомври лани е зголемена за 17,3 отсто, објави во четвртокот Државниот завод за статистика.

Ова е историски највисока просечната плата досега. За споредба, пред само неколку години, во 2016 година, просечната плата изнесувала само 360 евра, работниците земале дури за 270 евра пониска просечна плата од денеска.

Од СДСМ велат дека изборното ветување на СДСМ за просечна плата од 500 евра во 2024 година предвреме е исполнето, но и значително надминато.

Според партијата, Македонија веќе не е земја со евтина работна сила.

-Не сме веќе земја со евтина работна сила туку земја која го вреднува, почитува и цени трудот на сите работници, рече портпаролот на СДСМ Дарко Каевски на прес конференција.

-Во времето на ДПМНЕ, во 2016 година, просечната плата изнесувала 360 евра. ДПМНЕ беше фокусирана на споменици и жални врби, СДСМ е посветена на граѓаните, на работниците. За ДПМНЕ работниците беа само евтина работна сила, за СДСМ работниците и нивниот животен стандард се важни, рече Каевски.

Премиерот Димитар Ковачевски во вчерашното интервју за Слободен печат рече дека платите дополнително ќе растат.

-Изборното ветување кое го дадовме беше 500 евра до 2024 година. Сега е веќе 630 евра во 2023 година. И ќе расте и просечната плата. Затоа велам дека членство во ЕУ е без алтернатива, рече Ковачевски.

Ковачевски додаде дека и просечната и минималната плата, како и просечната и минималната пензија се зголемени во времето на СДСМ и тоа драстично во споредба со времето на ДПМНЕ во 2016 година.

– Минималната плата е зголемена за 100%, минималната пензија сега е 50% повисока од таа во 2016-та и факт е дека просечната пензија е 50% повисока од таа во 2016та година.