Прес конференција на Бране Петрушевски:

Венко Филипче денес покажува дека не е ништо поразличен од Зоран Заев, туку само продолжение на истата политика која беше подготвена на секакви отстапки за да остане или да дојде на власт.

Додека СДС беше на власт, Заев и неговите соработници прифаќаа договори и обврски без јасни гаранции за заштита на македонските национални интереси. Денес Филипче оди чекор понатаму и отворено ги релативизира бугарските барања, тврдејќи дека македонскиот идентитет не е загрозен.

Во време кога од Бугарија доаѓаат пораки со кои се оспоруваат делови од македонската историја, јазик и културен идентитет, Филипче останува нем на тие позиции и безрезервно ги поддржува отстапките што се бараат од Македонија.

Очигледно е дека за него поважно е да обезбеди политичка поддршка однадвор отколку да застане зад ставовите и чувствата на македонските граѓани.

Македонија има потреба од достоинствен европски пат, но со јасни гаранции и без нови идентитетски условувања. Власта и државните интереси не смеат да бидат предмет на политичко пазарење.

Граѓаните се тие што одлучуваат кој ќе ја води државата, а не странски центри на моќ. Затоа е потребно единство околу заштитата на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и историја.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи компромиси со националните интереси и нема враќање на политиките кои носеа поделби и отстапки на штета на Македонија.