Анета Симеска Димоска е разрешена од функцијата директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и на нејзино место Владата го назначи Горан Трајковски. Во соопштението од попладневната владина седница нема информација зошто е разрешена досегашната директорка.

Трајковски, кој е назначен за нов в.д директор на ДПИ доаѓа од приватниот сектор. Во информацијата за директорската промена пишува дека Горан Трајковски е дипломиран економист и магистер по економски науки, со менаџерска позиција во приватниот сектор.

Владата на денешната седница го именуваше Заре Милошевски, за нов директор на Агенцијата за национална безбедност.

„Милошевски на оваа позиција доаѓа од позицијата помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистерот, во рамките на АНБ. Има искуство во организирање и раководење со ресурсите на организациската единица за заштита на уставниот поредок и борба против тероризмот“, наведоа од Владата.

Милошевски доаѓа на местото на Виктор Димовски, кој на позицијата директор на АНБ дојде во јуни 2019 година.