Првите 100 дена од Владата на ВМРО ДПМНЕ не ветуваат дека земјата оди во правилна насока, порача пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, во вечерашната емисија „Тема на денот“, на телевизија Сител.

Николовски во интервјуто, посочи дека актуелната власт нема јасна и конкретна стратегија за водење на државата што преставува ризик за иднината на граѓаните.
„Нема тим во Владата, немаме јасна стартегија што е тоа што се прави. За прв пат после многу години го добивме најголемото разочарување со раздвојување од Албанија, што е најлошата порака во првите 100 дена особено за младите луѓе.Нема нови политики,има уназадување во сите сегмети. Навистина првите 100 дена не ветуваат дека земјата оди во правилна насока“, рече Николовски.

При тоа, Николовски посочи дека владата на Мицкоски не го исполни ниту ветувањето за повисоки плати, а нема ништо и од ветените инвестиции.

„Имаме за прв пат намалување на просечната плата, нема зголемување на минималната плата, нема ниту една нова инвестиција којашто е изменаџирана токму од новата власт, освен оградата на Владата, споменикот на Ќосето, заемот од Унгарија и прешалтувањето кон исток и разграничување со ЕУ, со нашата стратешка. Ние ја внесовме државата во НАТО и следната стратешка цел беше ЕУ. И тоа е сон на сите генерации. Сега во првите 100 дена го имаме најголемото разочарување, гледаме дека Владата не ни сака да го задржи патот кон ЕУ.Доколку не одиме кон ЕУ, која е другата алтернатива на премиерот Мицкоски?“, рече Николовски и додаде дека Македонија имаше јасен евроатлански пат и беше пример за добрососедски односи , за разлика од сега кога за 100 дена актуелната власт се раскара со соседите, државата се уназадува, што не во прилог на остварување на стратешките цели.