Соопштение на Народна Банка, по прес конференцијата на НБРМ:
Имајќи ги предвид јавно достапните информации за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, со истовремено донесување на одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка над оваа банка, а во насока на заштита на билансот на „АЛТА банка“ АД Битола и на интересите на нејзините доверители, Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија на седницата одржана 1 на ноември 2026 година, донесе Решение со коешто се воведува администрација во „АЛТА банка“ АД Битола. Решението е веќе во сила.
Оваа мерка е од времен карактер и се воведува исклучиво заради случувањата со акционерот со квалификувано учество „Алта банка“ АД Белград. „АЛТА банка“ АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.
Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на Банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија.
Со цел заштита на имотот на Банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на Банката.
Во интерес на граѓаните, а со цел извршувања на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од Банката. Сите интерни плаќања помеѓу сметките на клиентите (правни и физички лица) во рамки на Банката остануваат овозможени во неограничен износ.
Би сакале уште еднаш да нагласиме дека овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите на Банката. Во оваа смисла, нагласуваме дека како и досега кредитокорисниците треба да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката.
Народна Банка на Република Северна Македонија како и досега, ќе продолжи да ја следи состојбата во Банката и ќе презема активности во рамки на своите законски надлежности.
ФОТО НБРМ