Мицкоски и Славески, ја донесоа Алта банка, банката на Вучиќ во Македонија, одговорност мора да има, изјави членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на денешната прес-конференција. Фрчкоски предупреди дека депозитите на институциите, јавните претпријатија и компаниите се доведени во ризик, додавајќи дека наместо да ги штитат интересите на граѓаните и финансиската стабилност, Мицкоски и Славески овозможија влез на Алта банка, а сега Народната банка не презема никакви мерки и покрај сериозните случувања со матичната банка во Србија.

„Мицкоски и Славески ја донесоа банката на Вучиќ во Македонија. Депозитите на јавните претпријатија, на министерствата и на фирмите поврзани со криминални тендери сега се под ризик. Цело ВМРО-ОКГ во структурите на Банката“, рече Фрчкоски.

Фрчкоски посочи дека по губењето на дозволата за работа на Алта банка во Србија, сериозно се отвора прашањето што ќе се случува со банката во Македонија, која е речиси целосно во сопственост на српската банка. Тој предупреди дека граѓаните веќе се вознемирени, дека во Битола има редици пред банката и дека луѓето ги повлекуваат своите средства и ги затвораат сметките.

„Денес се поставува прашањето: што ќе биде со Алта банка во Македонија кога е во речиси целосно сопственост на српската банка? Во Битола има редици од луѓе пред банката. Граѓаните се вознемирени, фирмите, компаниите. Банката го скрати работното време поради големи гужви за подигање пари и затворање сметки на населението“, рече Фрчкоски.

Притоа, Фрчкоски посочи дека додека во Србија Алта банка ја изгуби дозволата за работа и веќе е во стечај, кај нас Народната банка не презема ништо, и потсети на изјавата на гувернерот Трајко Славески, кој ваквите енормни трансфери на пари ги оцени како нормални.

„Сопственикот на банката подигнал во Трезорот 37 милиони евра во кеш со дозвола на гувернерот. Фалат 20 отсто од депозитите на банката. Во банката влегол ЕУРОЏАСТ. А Народна банка кај нас не презема ништо. Трајко Славески вчера изјави дека е нормално банката да префрла енормни количини пари“, рече Фрчкоски.

Фрчкоски побара итна реакција од институциите и одговорност за Мицкоски, гувернерот Славески и сите инволвирани во процесите околу Алта банка. Тој порача дека Народната банка мора да ги преземе сите законски мерки, а Обвинителството да отвори постапка и да утврди кој овозможил вакви случувања и кој сноси одговорност.

„Наместо да молчат, институциите мора да реагираат веднаш.Бараме од Народната банка уште денес да ги преземе сите законски мерки.Бараме од обвинителството уште денес да поведе кривична постапка против Мицкоски, против гувернерот Славески и против сите што учествуваа во процесите околу Алта банка“, рече Фрчкоски.

фото видео СДСМ