Кога диктаторите му се препуштаат на злото за да останат на власт, цената на излезот од таа ситуација со секој нов ден станува повисока. Ова, како по правило, им се случило на сите лидери во историјата. Сите завршуваат во буништата на историјата.

Зоран БОЈАРОВСКИ

САД, Велика Британија, Германија, Украина и Полска ги оценија како неслободни, нефер и недомократски претседателските избори во Русија, откако Владимир Пути освои уште еден шестгодишен мандат како шеф на државата.

Изборите во Русија не беа ниту слободни, ниту фер – оценија САД. Белата куќа соопшти дека изборите во Русија „очигледно не биле слободни, ниту фер со оглед на тоа како Путин ги затворал своите противници и ги спречил другите да се кандидираат против него“.

Британскиот Форин офис, пак, оцени дека „со незаконското одржување избори на украинска територија, Русија покажува дека не е заинтересирана да се најде начин за мир“.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека „псевдоизборите во Русија не се ниту слободни, ниту фер, а резултатот никого нема да изненади. Владеењето на Путин е авторитарно, тој се потпира на цензура, репресија и насилство“.

„’Изборите’ на окупираните територии на Украина се ништовни и грубо кршење на меѓународното право“, оценува МНР на Германија.

Веднаш потоа се огласи и германскиот претседател кој соопшти дека нема да му честита на Путин, и дека, тој, напротив, во мислите е „со луѓето во Русија кои се борат за слобода и демократија и кои живеат во постојана опасност од режимот на Путин. Нема да ги заборавиме овие храбри луѓе“.

На Путин нема кој да му честита… Пардон, имало, Лукашенко, Ким Ил Јонг, Си Џипинг, Илхам Алијев (Азербејџан) и останатите од малата група браќа по диктатура. Во регионот честитки до Путин испратија Додик и Шешељ, а Вучиќ сѐ уште не се огласил по ова прашање.

Значи, на Путин му остана да му честита на Путин. Така како што завршуваат сите диктатори. Сам, осамен, кога нема со кого да ја сподели својата „победа“.

Како и сите диктатори, тие се осамени дури и во опкружувањето на своите најверни поданици од потесниот круг кои исто така. И тие, како и диктаторот, живеат во страв од постојаното внимание како да се однесуваат кон „лидерот“ кога веќе толку многу претходни блиски соработници исчезнуваа(т) или ги губат животите „поради непознати околности“.

Живеат во постојан стрес да не го вознемират лидерот и му даваат информации што би сакал да ги слушне. Многу е веројатно дека она што Путин верува дека се случува во Русија или во Украина е далеку од она што навистина за се случува во Руската Федерација или во Украина. Неговата репутација за тиранија и бруталност е сосема доволно предупредување неговиот персонал да му ја даде веста што сака да ја слушне. Понатаму, психологијата на тираните често се разликува многу од обичните смртници. Некои од нив веројатно не се свесни за сопствената бруталност или веруваат дека тоа е направено во најдобар интерес на нацијата. Невозможно е да се знае дали тие навистина веруваат во тоа што го прават или ги создаваат заблудите за да можат да живеат со нив и сопствената улога во тие заблуди.

Во таа заблуда, кога диктаторите му се препуштаат на злото за да останат на власт, цената на излезот од таа ситуација со секој нов ден станува повисока. Ова, како по правило, им се случило на сите лидери во историјата. Сите завршуваат во буништата на историјата.

На крајот, не е ни важно како ќе заврши диктаторот. И не е ни трагично дека ќе заврши. Многу поважно и потрагично е што заради неговите диктаторски амбиции досега во воената операција во Уркаина, според неговите зборови, а која што е всушност класична воена агресија за освојување на туѓа територија, заклучно со 1 март 2024 година, животите ги загубиле 414 илјади и 680 руски војници. Заедно со оние кои се водат како исчезнати или ранети, таа бројка достигнува до 500.000.

Само еден човек ги носи на душа овие жртви – Путин.

Путин е одговорен и за смртта на 31.000 украински војници, според украински извори на втората годишнина од војната, и за неколку десттици илјади цивили чија точна бројка ќе се знае дури на крајот на војната.

Она што ја прави тековната војна во Украина толку опасна за него е тоа што Путин брзо ги губи сите опции за излез. Има доволно докази и историски примери дека зависниците од диктатура паѓаат во оваа замка.

А малите „путинчиња“ во Македонија… е тоа е друга, исто така многу тажна, но и опасна приказна за која мора да бидеме подготвени да ја решиме, за да не решаваат они за нас. На избори, се разбира!

Извор: Racin.mk