„Секретаријатот за европски прашања уште во јуни оваа година започна со активности за подготовка на Патоказот за реформи во јавната администрација и Патоказот за поглавјата за владеење на правото со придружен Акциски план, преку континуирани средби и консултации со сите надлежни институции. Патоказите се веќе подготвени, беа консултирани со Европската Комисија понатаму беа консултирани во Собранието, со граѓанските организации, академската заедница и денес ќе бидат доставени до Европската Комисија“ кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција.

Тој додаде дека при на сите документи, администрацијата ги имаше предвид Скрининг извештајот за Кластер 1 и Извештајот за напредокот на државата, при што беа адресирани најголeмите недостатоци во клучните области.

„Предвидените мерки во Патоказите имаат цел деполитизирана, ефикасна, ефективна и одговорна јавна администрација, која обезбедува висококвалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти кои се засноваат на европските принципи и вреднува и придонесува за одржлив економски раст, владеење на правото, социјална кохезија и благосостојба“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека новата законска рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да помогне да се обезбедат вработувања, унапредувања и отпуштања врз основа на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство.

„Нашата обврска е завршена, институциите ја одработеа домашната задача со посветена и сериозна работа. Ова е историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Она што недостасува, е последната обврска за да одиме напред, а тоа се уставните измени“ заклучи Маричиќ.