„Сметаме дека секоја држава треба да биде ценета поединечно. Се радуваме на секој успех на соседите, особено за Албанија, бидејќи тесно соработувавме за време на скринингот и споделувавме информации на дневна основа, така што ние сакаме Албанија да го добие тоа што го сака на наредна меѓувладина конференција“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител Телевизија.

Тој се надева дека нашата држава и Албанија ќе продолжат да чекорат на патот кон ЕУ, како што тоа го прават Украина, Грузија и Молдавија.

„Најпрво треба да имаме предвид дека состојбата во Украина е специфична. Таму имаме една груба агресија на Русија против Украина и тоа го промени геополитичкиот поглед на земјите членки и на институциите во Брисел. Знам дека звучи неправедно да бидеме толку години во чекалната меѓутоа тоа се ситуации, тоа се институции каде што не се бара само правдата и праведноста туку се работи на остварување на сопствените интереси. Јас го гледам отварањето на прашањето за членството на Украина како можност за нас. Ние се бориме да се отвори вратата за нови членки и отварањето на вратата на останатите земји членки е добра вест за нас. Вистинска битка е, треба да се избориме ние да бидеме меѓу тие нови членки кога вратата ќе се отвори“ заклучи Маричиќ.