„И ЗНАМ се против уставните измени, и тие се против договорите со Бугарија и Грција, и тие се против преговарачката рамка. Исти како и на ВМРО-ДПМНЕ. ЗНАМ треба да знае, а не да биде клон, имитатор на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно не се чувствуваа добро во рамките во кои е определена прогресивната социјалдемоктратија, а кога немаш сопствена идеологија којашто треба да те движи, најлесно е да напаѓаш. Но, јасно е дека целта на нападите врз СДСМ што дојдоа од таа партија беше да се замени безидејноста на тие политички опции, да се надополни со национализам. Сакам да им упатам порака на сите социјалдемократи, и сегашни и поранешни, глас за „ЗНАМ“ и за Максим Димитриевски е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Да немаат дилема околу тоа прашање,“ посочува првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ, во интервју за Рацин.мк.

Тој се осврнува на уште една важна работа, а тоа се очекувањата од лидерот на ЗНАМ, како човек кој доаѓа од Куманово, општина која на најдобар можен начин, благодарение на СДСМ, стана препознатлива како општина која што максимално ги почитува сите заедници што живеат таму и каде службени се дури четири јазици.

„И сега, градоначалникот на таа општина со својата реторика ја стави под прашање еднаквоста на граѓаните и се приклони кон наративот којшто го препознававме само кај ВМРО-ДПМНЕ и Левица и кај дел од партиите на Албанците, само за да се добијат гласови за време на изборите. Наместо да го брани мултикултурниот концептот на државата, како што му доликува на некој со социјал-демократски бекграунд, Максим Димитриевски се приклони кон празните концепти на национализмот, кои не нудат ништо друго, освен кавга, конфликт,“ вели Маричиќ.